
Патничкиот авион со 49 лица, кој беше пријавен за исчезнат, се урнал на далечниот исток на Русија и во тек е потрага по преживеани, соопштија официјално локалните власти.
Претоходно денеска, локалното министерство за вонредни ситуации соопшти дека авионот од типот Ан-24, управуван од сибирската авиокомпанија „Ангара ерлајнс“, исчезнал од радарите додека се приближувал кон својата дестинација Тинда, оддалечен град во регионот Амур, кој граничи со Кина.
Првичните прегледи на местото на несреќата од воздух покажале дека нема преживеани при падот на авионот, изјавиле локалните служби за вонредни ситуации за РИА Новости, но додале дека потрагата ќе продолжи со пребарување на земја, изразувајќи оптимизам дека сепак ќе пронајдат преживеани.
Инаку, како што соопштиле надлежните власти, остатоци од авионот кои гореле биле откриени на 15 километри оддалеченост од аеродромот во Тинда, на планинска падина.
Руските медиуми, како што пренесе „Гардијан“, објавиле снимки на кои се гледа како густ чад се издига на местото на несреќата.
Регионалниот гувернер Василиј Орлов претходно соопшти дека според прелиминарните податоци, во авионот имало 43 патници, вклучувајќи пет деца, и шест членови на екипажот.
„Сите потребни сили и средства се распоредени за потрага по авионот“, напиша тој на Телеграм.
Руската новинска агенција Интерфакс објави дека службите за вонредни ситуации соопштиле дека авионот Ан-24 летал по рутата Хабаровск – Благовешченск – Тинда
Неисправност или човечка грешка се сметаат за можни причини за падот на авионот, соопштиле од Истражниот комитет за транспорт на земјата.
Инаку, Ан-24 е авион со двоен турбопропелер дизајниран од страна на Конструкторското биро „Антонов“ кон крајот на 1950-тите за време на Советскиот Сојуз. Познат по својата робусност и способност за полетување од неасфалтирани писти, тој сè уште се користи во оддалечените региони на Русија и Централна Азија.