Skip to main content
Свет

Руски аналитичар: Путин има пари уште за 18 месеци војна

08/12/2025  19:22

Рускиот аналитичар Александар Габуев истакнува дека Русија, и покрај сите обиди за постигнување мировен договор, сè уште води брутална војна против Украина, но дека времето не е на страната на Владимир Путин. Според неговата проценка, Москва има ресурси за уште 12 до 18 месеци војување. После тоа, руската каса би можела да се испразни, но само ако Западот дополнително ги заостри санкциите, пишува „Билд“.

„Со понатамошни санкции, тоа време би можело да се скрати“, рече Габујев во интервју за Ханделсблат. Тој додаде дека, покрај Роснефт и Лукоил, во Русија сè уште има помали производители на нафта и суровини кои не се под санкции.

Габуев со години работеше како новинар во рускиот весник „Комерсант“, а денес е раководител на Центарот „Карнеги Русија Евроазија“, тинк-тенк со седиште во Берлин. Тој се смета за еден од водечките експерти за руска надворешна политика. А што е со мировните преговори? Според Габуев, шансите за договор со Украина во моментов се речиси непостоечки.

Габуев објаснува дека американскиот претседател Доналд Трамп сака војната да заврши, но засега речиси и да не врши притисок врз Путин. „Затоа Русите веруваат дека имаат време и можат дополнително да ги одложат преговорите.“ Рускиот претседател, вели аналитичарот, сè уште инсистира на „многу далекусежни барања“ и не сака да се откаже од нив.

Според неговото толкување, ако војната треба да се направи неодржлива за Кремљ, санкциите мора да бидат уште построги, а казнените мерки што веќе се договорени мора да се спроведуваат многу построго. Габуев дава конкретен пример: Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати повеќе не треба да им се дозволува неказнето да купуваат руска нафта или да ги заобиколуваат санкциите. „Ова мора да се прави секојдневно и многу доследно. Во моментов, не се спроведува доволно.“