Skip to main content
Свет

Русија употребила ракета „Орешник“ во синоќешниот напад врз Украина

09/01/2026  08:21

Руското Министерство за одбрана го објави првото официјално соопштение по синоќешниот голем напад со беспилотни летала и ракети врз Украина. Во соопштението за медиумите се наведува дека Русија извршила, како што велат, „високопрецизен удар со долг дострел“ во кој била употребена и ракетата со среден дострел „Орешник“.

Во соопштението се тврди дека нападот бил одговор на она што Русија го опишува како „терористички напад од страна на киевскиот режим“ врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин во регионот Новгород, за кој Русија тврди дека се случил ноќта на 29 декември 2025 година.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили испукале високопрецизно оружје со долг дострел од копно и море во текот на ноќта, вклучувајќи го и мобилниот ракетен систем со среден дострел „Орешник“, и извршиле напади со беспилотни летала врз, како што велат, клучни објекти во Украина.

Ракетата леташе со брзина од 13.000 км/ч

„Целите на ударот се постигнати“, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана. Меѓу целите се постројките за производство на беспилотни летала за кои Русија тврди дека биле користени во наводниот напад врз резиденцијата на Путин, како и енергетската инфраструктура која, според руските тврдења, ја поддржува работата на воено-индустрискиот комплекс на Украина.

Украина сè уште не потврди дека нападот врз западниот град Лвов го извршил Орешник, но украинската војска потврди дека ракетата летала со брзина од 13.000 км/ч.

Да ве потсетиме дека Украина негира дека некогаш извршила напад врз резиденцијата на рускиот претседател. Тврдењата на Москва беа отфрлени и од речиси сите членки на НАТО, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави, кои наведуваат дека нема докази дека воопшто се случил таков напад.