
Руската армија успешно ја тестираше својата нуклеарна крстосувачка ракета „Буревестник“, способна да носи нуклеарна боева глава, за која Москва тврди дека може да избегне каков било одбранбен систем, и ќе започне со распоредување на оружјето, изјави претседателот Владимир Путин.
Американците ја нарекуваат ракетата „летечки Чернобил“.
Рускиот генерал Валериј Герасимов, началник на Генералштабот на руските вооружени сили, му рече на Путин дека ракетата прелетала 14.000 км и била во воздух околу 15 часа кога била тестирана на 21 октомври.
Русија тврди дека ракетата 9M730 „Буревестник“ – наречена SSC-X-9 Skyfall од НАТО – е „непобедлива“ за сегашната и идната противракетна одбрана, со речиси неограничен дострел.
„Тоа е уникатно оружје што никој друг во светот го нема“, рече Путин, облечен во камуфлажна униформа, на состанокот на командниот пункт со генералите што ја надгледуваат војната во Украина, во соопштение објавено денеска од Кремљ.
Путин рече дека некои руски експерти еднаш му рекле дека такво оружје веројатно никогаш нема да биде можно да се изгради, но сега, рече тој, неговото „клучно тестирање“ е завршено.
Герасимов рече дека ракетата е на нуклеарен погон и дека овој тест е различен затоа што летала на толку голема далечина, иако дострелот е во суштина неограничен. Тој рече дека може да ја победи секоја ракетна одбрана.
Русија и САД заедно поседуваат околу 87 проценти од глобалното нуклеарно оружје. Русија има 5.459 нуклеарни боеви глави, додека САД имаат 5.177, според Федерацијата на американски научници (FAS).
„Стратешките сили се целосно способни да ја зачуваат националната безбедност на Руската Федерација и Сојузот на Русија и Белорусија“, рече Путин.

