Оваа година, Русија ќе започне со сериско производство на сателити за широкопојасен интернет и ќе воспостави домашна верзија на американската сателитска мрежа „Старлинк“, изјави извршниот директор на државната вселенска корпорација „Роскосмос“, Дмитриј Баканов.
Во блиска иднина, Русија има намера да воспостави две нови констелации на сателити, објаснува рускиот економски весник „Взгљад“. Соѕвездието Зоркиј (руски: острогледно – оп. а.) ќе овозможи креирање дигитални мапи во реално време, а Рассвет (руски: зора) на приватната компанија Бјуро1440 ќе биде верзија на мрежата на сателити на „Старлинк“ за обезбедување широкопојасни интернет услуги, наведува весникот.
Сериското производство на сателитот ќе започне оваа година
Сериското производство на двата типа сателити ќе започне во Русија оваа година, објави Баканов во петокот за Руската прва програма. Сателитот Зоркиј ја снима површината на Земјата од вселената, а врз основа на овие слики се создаваат дигитални мапи, кои потоа се користат за навигација на беспилотни летала и возила, објасни шефот на Роскосмос.
Првите три сателити „Зорки“ беа лансирани во ниската Земјина орбита во декември минатата година, објави руската РИА „Новости“, а според документите на „Роскосмос“, до 2031 година во соѕвездието ќе има 99. До 2027 година, соѕвездието Рассвет во ниската Земјина орбита ќе има над 300 сателити, истакна Баканов.
Оваа констелација треба да обезбеди широкопојасни интернет услуги во тешко достапните територии на Русија, вклучувајќи го и Арктикот, но исто така да овозможи безбедна комуникација за воените сили. „Клучно е да се обезбедат комуникациски услуги во сите области што не се покриени со мрежи на Земјата“, нагласи шефот на Роскосмос.
Соѕвездието од 300 сателити во ниската Земјина орбита ќе ја покрива само територијата на Русија, а не целиот свет, па затоа целта е реална, објавува „Взгљад“ експертот за ИТ секторот Герман Клименко. Мрежата на сателити „Рассвет“ ќе го промени системот за команда и контрола во вооружените сили, додека сателитите „Зорки“ ќе ја подобрат ефикасноста на високопрецизните напади, изјави воениот експерт Јуриј Кнутов за рускиот весник.
Во цивилна употреба, „Рассвет“ ќе овозможи пристап до интернет во оддалечените региони на Русија и ќе ја подобри комуникацијата со бродовите, истакна експертот, додека „Зоркиј“, на пример, ќе го олесни управувањето со земјоделските култури, наводнувањето и противпожарните објекти и ќе овозможи развој на автономни возила.
Рускиот систем е далеку помал од Starlink
Соѕвездието од 300 сателити на „Расвет“ тешко може да се спореди со она на „Старлинк“, кое има околу десет илјади вселенски летала, според податоците од ноември минатата година, рече Кнутов.
„Целта на нашиот систем е да ја надминеме британската констелација OneWeb, која е веќе воспоставена, но може да обезбедува услуги само на корпоративни клиенти и големи воени единици како што е бригада“, додаде експертот. Констелацијата на OneWeb е единствената покрај онаа на Starlink што го покрива целиот свет, има околу 650 сателити во ниската Земјина орбита, а компанијата има намера да ја прошири со испраќање на уште 440.
Сопственикот на OneWeb, францускиот Eutelsat, нема намера да се натпреварува ниту со Starlink ниту со Kuiper на Amazon на потрошувачкиот пазар, туку ќе се фокусира на сегментите во кои е конкурентен, изјави извршниот директор Жан-Франсоа Фалашер пред новинарите во август минатата година.
