Skip to main content
Свет

Рубио ја повикува Русија да ја прекине „бесмислената војна“ во Украина

29/04/2025  08:41

Американскиот државен секретар Марко Рубио го повика рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да ја прекине војната во Украина. Американскиот Стејт департмент денеска објави дека Рубио разговарал телефонски со Лавров во неделата на барање на рускиот дипломат, јави ДПА.

-По посетата на Москва на специјалниот пратеник на Белата куќа, Стив Виткоф, на 25 април, државниот секретар му ги нагласи на својот руски колега следните чекори во руско-украинските мировни преговори и потребата од веднаш завршување на војната. Соединетите Американски Држави се сериозни во врска со олеснувањето на завршувањето на оваа бесмислена војна, се вели во соопштението на дипломатскиот оддел.

Рубио во неделата изјави дека оваа недела ќе биде „клучна“ и дека САД мора да „одлучат дали ова е потфат во кој сакаме да продолжиме да бидеме вклучени“.