Skip to main content
Македонија

Родителите на загинатите од Кочани не можат да поверуваат дека судењето би траело до 15 години

12/10/2025  16:36

Како што најавија на вчерашниот „Марш за ангелите“, родителите на загинатите млади во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска излегоа на едночасовна блокада во центарот на градот.

Блокадата, според нив, е резултат на револтот што го почувствувале откако адвокатите на осомничените изјавиле дека судскиот процес би можел да трае од 10 до 15 години.

„Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука – на кружниот тек, се додека не почне судењето, а за понатаму зависи како ќе се одвиваат работите. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри,“ порачуваат членовите на семејствата кои ги загубија своите најблиски во трагичниот пожар на 16 март во дискотеката „Пулс“.

Родителите најавија дека нема да запрат со протестите се додека, како што велат, не видат вистинска волја од институциите за брзо и праведно судење.