
Со соопштение до јавноста се обратија родителите и семејствата на трагично починатите деца во пожарот во дискотеката „ПУЛС“ – Кочани, веднаш откако Основниот кривичен суд од Скопје денеска објави дека судењето започнува на 19 ноември во судница во КПУ „Идризово“. Во пожарот во кочанската дискотека загинаа 63 лица, а над двестe завршија со тешки телесни повреди.
Во врска со кривично-правниот предмет К.бр. 1872/25, поврзан со трагичната несреќа во дискотеката „ПУЛС“ во Кочани, денеска добивме сознание дека главната расправа е закажана за 19 ноември 2025 година (среда), со почеток во 09:30 часот, во судницата при КПУ Идризово, се наведува во соопштението.
– Ние, родителите и семејствата на починатите деца, соопштуваме дека со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество.
Очекуваме фер, транспарентен и непристрасен процес, во кој секој што има одговорност ќе ја понесе. Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија.
Бараме јавноста, медиумите и институциите да го следат овој процес со должно внимание, бидејќи ова не е само судење за еден пожар – ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста.
Воедно, Ве известуваме дека, бидејќи добивме датуми за рочишта, секојдневните блокади ќе бидат привремено прекинати, но со маршевите продолжуваме секоја сабота – како симбол на нашата упорност и борба за вистината, стои во соопштението од родителите и семејствата на настрадaните во пожарот во Кочани – се вели во нивното соопштение.