
Обвинителката Ленче Ристоска, и покрај засилените политички реакции и јавни критики што ја следат нејзината кандидатура, изјави дека сериозно очекува да биде избрана за државен јавен обвинител. Во гостување во емисијата „24 Анализа“, таа истакна дека одлуката да се пријави на конкурсот произлегла од уверувањето дека со своето искуство и професионален интегритет може да придонесе во работата на Обвинителството.
Ристоска посочи дека нејзината кандидатура не е насочена кон провокација на власта, туку дека произлегува од уверувањето дека функцијата треба да ја извршува личност која ќе работи во интерес на граѓаните, а не на политичките структури. Таа изрази очекување дека кандидатурата ќе биде разгледана без политички предрасуди и дека ќе добие поддршка врз основа на професионални критериуми.
Осврнувајќи се на јавните критики, Ристоска рече дека квалификацијата „медиокритет“, која премиерот ја употреби во контекст на измените на Кривичниот законик, ја препознала како насочена кон неа. Како што наведе, во јавните изјави се пронашла и поради споменувањето на обвинител поврзан со Европравда, посочувајќи дека токму таа ја извршувала таа функција и притоа примала иста плата како и останатите обвинители во Основното јавно обвинителство Скопје.
Таа нагласи дека како јавен функционер е свесна дека критиките се дел од јавниот живот, но смета дека јавната комуникација мора да се одвива на соодветно ниво. Според неа, нејзините реакции досега биле насочени кон заштита на професионалниот интегритет и на институцијата во која работи.
Ристоска информираше дека очекува Советот на јавни обвинители да постапи по поднесената пријава, како и судска разрешница на тужбата за клевета против ВМРО-ДПМНЕ. Таа тврди дека нападите се интензивирале во период кога работи на предмети во кои, според неа, се засегнати интереси на партијата, меѓу кои и случаи поврзани со перење пари и замрзнат имот.
Во своето обраќање, Ристоска порача дека во текот на кариерата била етикетирана и од двете најголеми политички партии, но дека никогаш не работела во интерес на ниту една од нив. Според неа, во јавниот простор сè уште е тешко да се прифати дека носител на јавна функција може да дејствува исклучиво професионално и во јавен интерес.


