Skip to main content
Македонија

Решителност и неселективност во борбата против корупција и криминал

16/12/2024  20:30

Пишува: Иван Анастасовски, професор на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје

Факт е тоа дека корупцијата и криминалот се канцерот на секое едно општество, но за жал и нема општество кое не имуно на овие два негативни општествени сегменти. Како теоретичар сакам да потенцирам дека корупција претставува злоупотреба на службената положба за остварување незаконска приватна добивка, додека криминалот е злосторнички чин од страна на физичко или правно лице кое свесно постапило во спротивност со законите и Уставот на територијата на која се наоѓаат. Или многу поедноставно кажано кога го употербуваме за некого зборот коруптивен буквално кажуваме дека е крајно расипан.

Криминалот е општиот термин каде спаѓаат сите вонправни дејанија како што се фалсификување на пари, примање и давање на поткуп, перење на пари злосторничко здружување, трговија со луѓе, криумчарење, итн., и сите тие се уредно вградени во одредени членови во Законите на нашата држава. Поентава е дали тие членови од Закони во нашата држава функционираат и се применуваат како треба а не само селективно и за потребите на политичко реванширање и подкусурување.

Ако земеме во предвид тоа дека дури и навидум не толку малигна корупција нема да ја уништи нашата држава оти така опстојуваме повеќе од 30 години, но факт е дека ќе ја закочува, уназадува и уништува. Таквиот дел од малигна корпуција е данокот што го плаќаме сите ние граѓаните на Македонија, иако тоа најмногу им штети на најслабите, најсиромашните и најранливите категории оти земаат од нив. Токму поради овие констатции кај нас во Македонија борбата против корупцијата мора да биде константна, силна и поддржана како од сите лидери на политички партии (не декларативно), така и од нас засегнатите граѓани кои несвесно сме дел од тој зачаран круг на корпуција и криминал.

Корупцијата е цврсто врзана со политиката и затоа впечатокот на секој еден наш граѓанин е дека сите се исти, сите се корумпирани и таа слика многу тешко се менува во очите на граѓаните. Да, на секои избори една од основните политички пароли е дека „силно ќе се бориме против корпуцијата и криминалот“ тоа е наслушаната реченица во предизборието која потоа со практикување на власта едноставно ја снемува и исчезнува.

Лично мене многу ме радуваа последните пораки од Заменик помошник државен секретар за Западен Балкан, Александeр Касаноф кој при своја прва посета на Скопје порача дека американската поддршка е многу силна за нашата држава но потенцираше уште еднаш за важноста во борбата против корупцијата кое е нешто што САД многу сериозно го сфаќа и дека верува во искреноста на Владата која тврди дека тоа е основна заложба.

Впрочем, таа силна поддршка во борбата против корпуција нашиот стратешки партнер САД ни ја става на тацна, јавно, јасно и недвосмислено ги става на црна листа секој еден за кој имаат а верувам дека имаат сознанија дека сториле кривично дело а при тоа секој од нив имал висока државничка позиција и тоа го прават со име и презиме, нешто за кое ние како држава не сме спремни и за кое не сакаме да ги истакнеме со име и презиме плашејќи се дека ќе има одредени консеквенции. Мое убедување е дека и од тие причини не функционираат како што треба сите тие телефонски броеви на кои треба да пријавуваме корупција, а тоа се должи и на фактот дека ако некој граѓанин пријави корупција тоа ќе му се удри од глава по него а нема да биде чин на персонална одговорност за секој да биде вклучен во борбата против корпуција т.е. за жал ќе настрада оној кој пријавува а не оној кој е пријавен и извршил криминал и корупција.

Како човек кој не припаѓа на оваа политичка проминенција која е власт, би сакал да потенцирам дека ги поддржувам во борбата против корпуција но под услов таа борба да не биде селективна и да не е само политички мотивирана туку таа да е реална каде ќе бидат опфатени секој еден кој се има огрешено пред законите на нашата држава. Секогаш ќе ги паметам зборите на премиерот Мицковски кој беше дециден дека во делот на бобрата против корупција и криминалот нема да прави театар како што тоа беше во предходните влади а особено беше доминатно во периодот на Мијалов кој уживаше да го прави тоа спектакуларно и пред камери а при тоа да нема обезбедено никаков доказ за лицата кои се приведуваа и шиканираа (не преудуцирам дали се виновни или не). Премиерот Мицковски повторувам ако опстои на тоа дека од секој евидентиран случај на корпуција и крминал ќе се оформи предмет и потоа ќе се постапува за приведување на осомичени лица и со тоа ќе покаже дека е решен да се справи со корпупцијата и криминалот, но во исто време да го покаже тоа и кај сопствените поедници од власта (ако ги има) со што ќе остави силен впечаток за секој еден кој сака да биде функционер дека нема да има селективност.

Со таков пристап премиерот Мицковски ќе ја позициониара многу силно својата политичка партија пред граѓаните, да се разбереме во сите политички партии има чесни но и многу алчни поединци, време е да се одвојуваат едни од други особено кога се работи за носители на јавни функции. Лично имам чувство дека ретко кој сака да се повлече од политиката и да се одаде на професионален ангажман, оти политиката им нуди сериозна можност за профит но воедно и за богатење особено на тие кои не се одалечуваат од политиката. Нека се напарави проба и тоа е лесно најпривин нека ги измерат на почетокот на мандатот тие што се носители најавни функции и потоа на крајот од мандатот па нека го најдат просекот на приходите за целиот период и точно ќе се знае дали и со што се здобил за време на својот мандат како јавна личност.

Недвосмилсената борба против корупција и криминал ќе значи и ставање на нашата држава на европска мапа на сериозни држави и при тоа многу ќе го олесни нашиот пат кон ЕУ од една страна, и од друга ќе престанеме како граѓани а се сеќаваме на тоа дека јадевме чоколади од 1000 денари, се увезуваа тенковски делови колку што чини еден тенк (само прво осмичениот не лежеше затвор) возиме по најскап од метар квадратен асфалт а при тоа и по најнеквалитетен асфалт и многу но навистина многу други примери. Факт е тоа дека секој еден општествен сегмент во Македонија е корумпиран и тоа е се на товар на граѓаните, оти ние го плаќаме сето тоа преку јавните давачки.

Затоа премиерот Мицковски едноставно нека не заштити од таквите поведенија на одредени функционери (бивши, сегашни или евентуално идни), што сум уверен дека граѓаните ќе знаат да го ценат тоа. Како пример ние со нашиот тим решително на јавна сцена го разоткривме криминалот и корупцијата во спортот како еден помал општествен сегмент преку организација на јавна дебата за корпуција во спортот, ако тоа почне да се случува во секој од останатите општествени сегменти (сите до еден) кои се затруени од корпуција ќе има надеж дека сме спремни како држава да му се спротиставиме на злото наречено корупција.