Skip to main content
Балкан

Рекорднa запленa од 206 кг кокаин на границата меѓу Бугарија и Турција, приведен дипломат

21/07/2025  09:25

Бугарските гранични власти запленија речиси 206 килограми кокаин на границата со Турција и уапсија три лица, меѓу кои и дипломат од Демократската Република Конго акредитиран во Белгија, соопштија бугарските истражни органи.

Дрогата, со проценета вредност од околу 20 милиони евра, била откриена во комбе со белгиски регистарски таблички, скриена меѓу лични предмети во пет куфери.

Станува збор за најголема заплена на дрога на бугарска копнена граница досега.

Уапсени се 40-годишен дипломат од Конго, 54-годишен белгиски државјанин и 43-годишен Бугарин кој управувал со возилото. Окружниот обвинител Иван Стојанов изјави дека осомничените се соочуваат со затворска казна до 20 години доколку бидат прогласени за виновни за трговија со дрога.

Покрената е меѓународна истрага за потеклото на кокаинот и неговите крајни приматели, со учество на агенции од други земји на ЕУ.