Skip to main content
Свет

Рекорден број наставници во Јапонија на боледување поради ментални проблеми

02/01/2025  12:22

Бројот на наставници во Јапонија кои земале боледување поради проблеми со менталното здравје достигна рекордни 7,119 во 2023 година, што е зголемување трета година по ред, покажа владиното истражување. Според податоците на Министерството за образование, култура, спорт, наука и технологија, главниот фактор зад ова зголемување е зголемениот обем на работа, објави Кјодо.

Бројот на наставници кои земале боледување поради ментални здравствени проблеми до март 2024 година е зголемен за 580 во однос на претходната година, што е 0,77 отсто од сите наставници во основните и средните училишта, како и во училиштата за деца со посебни потреби. Кога ќе се пресметаат и наставниците кои земале боледување повеќе од еден месец, вкупниот број е 13,045, што е 1,42 отсто од вкупниот број наставници.

Во последните години бројот на наставници на боледување поради ментални здравствени проблеми беше околу 5,000, но во последните три години драстично е зголемен.

Министерството за образование најави мерки за поддршка на менталното здравје на наставниците, вклучително и зголемување на бројот на наставници за да се намали обемот на работа. Од 7,119 наставници кои земале отсуство за ментално здравје, до почетокот на годинава на работа се вратиле 2,786 или 39,1 отсто, додека 2,903 се уште се на боледување, а 1,430 дале отказ.

Од друга страна, бројот на наставници кои се дисциплинирани или биле опоменати за сексуален напад, исто така, достигна рекордно високо ниво од 320 во 2023 година, што е за 79 повеќе од претходната година.

Јапонската влада планира да воведе систем сличен на британската служба (Disclosure and Barring Service) за откривање и забрана од 2026 година, што ќе спречи вработување на осудени сексуални престапници на работни места кои вклучуваат работа со деца.