
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, денеска на прес-конференција, оградувајќи се дека нема доволно информации, рече дека објектот на дискотеката „Пулс“ и неговата градба не била спорна до 2012 година, кога според него, почнала реадаптацијата за да почнат да се одржуваат забави.
– Објектот е изграден во 1999 година според важечки план на општина Кочани како лесна незагадувачка индустрија, текстилна фабрика, потоа се користи како магацин. Дограден е еден дел од 50 квадратни метри, кој е легализиран во 2011 година и е приклучен на постојниот објект. Што значи урбанистички сѐ е испочитувано до тука. Настануваат проблеми кога се прават адаптации и реконструкции на внатрешноста, без да се добие одобрение од никого. Притоа е ставен печат од одредено лице, кое или на слепо го ставило или видело што се случува и го игнорирало тоа – рече Николоски.
Приватна фирма требало да утврди дали објектот е според стандарди или не.
Тој појасни дека Законот за угостителство не јасен во еден дел што доведува за тоа како се добива лиценца и тоа придонесува за проблеми во неговото толкување.
– Важен е делот кој вели дека Министерството за економија по службен пат требало да добие повеќе документи од повеќе институции, за да може да издаде лиценца. Што значи дека сите овие документи се прибавуваат од Министерството за економија по службена должност, а подносителот дава само изјава во која тврди дека се исправни тие документи. Тоа е проблем во законот, законот не е добар и мора да се смени. Мора да има поголема контрола. Сега некој дава изјава од нотар, изјава која не може да се исконтролира дали е вистинита, потоа службеник во министерството за економија прибира документи и дава лиценца или не – рече тој.
Но, проблемот рече Николоски, е што голем простор се остава на совеста на тој што поднесува документи кој поднесува документи на нотар кој не може да ја провери вистинитоста на содржината на документите.