
Во текот на минатата година во Хрватска работеле нешто помалку од 12.000 државјани на Северна Македонија, покажуваат податоците на хрватското Министерство за внатрешни работи, објавени од „Форбс“.
Според официјалните бројки, на македонски државјани им биле издадени 11.856 дозволи за престој и работа во 2025 година. Најголем број дозволи, пак, биле издадени на работници од Босна и Херцеговина (32.225), Непал (31.708), Србија (24.278), Филипини (17.629) и Индија (15.400). Следуваат Косово со 6.355 дозволи, Узбекистан со 5.521, Египет со 5.504 и Бангладеш со 3.404 издадени дозволи.
Вкупно, во периодот од 1 јануари до 31 декември 2025 година, Хрватска издала 170.723 дозволи за престој и работа за странски државјани, во согласност со Законот за странци.
Најголемиот дел од странските работници биле ангажирани во туризмот и угостителството, каде се издадени 52.858 дозволи, веднаш зад нив е градежниот сектор со 52.776 дозволи. Следуваат индустријата со 24.479 дозволи, транспортот и врските со 13.039 и трговијата со 8.601 дозвола.
Од вкупниот број, 80.365 дозволи се однесуваат на нови вработувања, 70.275 се за продолжување на веќе постоечки дозволи, додека 20.083 се издадени за сезонски работници.
Наместо систем на квоти, Хрватска применува таканаречен тест на пазарот на трудот. Тоа значи дека работодавачот, пред да ангажира странски работник, мора да провери дали за конкретното работно место постои интерес од домашниот пазар на труд, по што Хрватската служба за вработување (HZZ) дава мислење за издавање на дозволата.
Според податоците на службата за вработување, најбарани занимања во јануари годинава биле помошник готвач, градежен работник, келнер и собарка, чистач и готвач, со просечни бруто плати кои се движат од околу 1.088 до 1.315 евра месечно.

