Skip to main content
Свет

Растот на трошоците на домаќинствата во ЕУ лани речиси четири пати поголем отколку во 2023 

21/11/2025  20:13

Трошоците за финална потрошувачка на домаќинствата во ЕУ минатата година се зголемиле за 1,5 отсто на годишно ниво, што претставува речиси четирипати поголем раст во однос на 2023-та, кога стапката на ова зголемување беше 0,4 проценти.

Како што соопшти Европската статистичка служба – Евростат, најголем раст на трошоците лани европските домаќинства имале за „информации и комуникации“ и тоа за 5,7 отсто, по што следуваат издатоците за „рекреација, спорт и култура“ и за „транспорт“ со по три проценти.

Растот на трошоците за „ресторани и услуги за сместување“ на домаќинствата во ЕУ во 2024 бил 1,6 проценти и ова е единствената групација каде се бележи значително намалување на издвојувањата во споредба со претходната година, кога тие бележеа раст од речиси пет отсто.

Намалување на трошоците лани се регистрирани само во секторот „алкохолни пијалаци, тутунот и наркотици“ и тоа за 2,2 отсто и кај „облеката и обувките“ за 0,6 проценти. Во овие две категории пад на трошоците, иако нешто помал, беше регистриран и во 2023 година.

Според дефиницијата на ЕУ, „трошоците за финална потрошувачка на домаќинствата“ ги опфаќаат вкупните издатоци на домаќинствата за поединечни стоки и услуги.