Skip to main content
Македонија

Расте потребата за старски домови, недостасува кадар

07/01/2026  13:08

Со сè помалку слободно време и поинтензивен живот на младите, повозрасните лица сè повеќе имаат потреба од згрижување во старски домови. Иако постојат државни и приватни установи, а се најавуваат и нови, интересот за сместување расте, што создава потреба од дополнителен простор и кадар.

– Во сите јавни и дел од приватните домови има листи на чекање, велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Потоа потврдија дека има потреба од нови вработувања – социјални работници, медицински сестри и негуватели. Вкупниот капацитет во јавните установи е 676 легла, додека 38 приватни домови нудат 1.609 легла, најмногу во Скопје. Петте јавни домови се: ЈЗУ Геронтолошки завод „13 Ноември“ – 111 легла, „Зафир Сајто“ – 197 легла, „Киро Крстески Платник“ – 150 легла, „Сју Рајдер“ – 150 легла и „Д-р Иван Влашки“ – 67 легла. Во 2025 година Берово доби 28 нови легла. Министерството има договори за нови домови и адаптација на објекти во Пробиштип (54 корисници), Кавадарци (57), Крива Паланка (20) и Кратово (35), а секоја година се објавува јавен повик за општини заинтересирани за изградба или доградба на установи за стари лица.

– Основниот проблем на старските домови е недостигот од стручен кадар, појаснија од Министерството. Цените за сместување во јавните установи се од 10.900 до 25.800 денари, зависно од здравствената состојба на корисникот.