
Комисијата за надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник и на одредбите од Законот за управување со движење на предметите во судовите утврдила дека распределбата на судски предмети се врши електронски и дека не е забележана рачна распределба на предметите.
Изземањето на судии се врши согласно законската процедура, а за секое исклучување и вклучување на судии од АКМИС постојат образложени одлуки.
Во записниците од Комисијата, објавени на веб страницата на Министерството за правда (pravda.gov.mk), како констатирани слабости се наведуваат недостигот на судии и административни службеници поради што се предлага Судскиот совет да изврши итен избор на судии со цел да се овозможи пополнетост на судовите. Во дел од судовите констатирано е дека нема телефонска централа, не се обезбедени униформи за припадниците на судската полиција и нема лифтови ниту пристап за лицата со попреченост. Судовите, исто така, не ги објавуваат редовно на веб страницата програмите за работа, годишните планови, распоредите и други акти со цел да се овозможи поголема транспарентност на работата на судот.
Од Министерството за правда денеска информираа дека се предложени мерки за решавање на овие проблеми и дека Комисијата ќе продолжи со следење на нивната реализација.