Skip to main content
Македонија

Рашел Леви-Драмер: Израел е отсечен, но духот на народот е нескршлив

03/03/2026  21:37

Воениот конфликт на Блискиот Исток и целосната блокада на воздушниот сообраќај ги нарушија плановите на десетици Израелци со македонско потекло кои требаше да пристигнат во земјава за одбележување на 11 Март – денот на депортацијата и холокаустот на македонските Евреи.

Рашел Шели Леви-Драмер, која со години претставува мост меѓу Израел и Македонија, во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV изјави дека ситуацијата во Израел е тензична, но духот на народот останува силен.

Поради воената состојба, земјата во моментов е целосно отсечена од светот. Аеродромите се затворени, нема влез ниту излез, што директно влијае врз организацијата на комеморативните активности во Битола и Штип.

„Моравме сè да стопираме бидејќи немаме летови. Израел е блокиран, аеродромот е затворен – нема ни влегување ни излегување. Многу ми е жал, бидејќи го организирам доаѓањето на голема група Израелци на ‘Маршот на живите’. Сакав да ја видат Македонија, особено сега кога сум горда што таму нема антисемитизам и луѓето се слободни и отворени“, вели Рашел.

Таа додава дека и во самиот Израел годинешните настани на еврејската заедница ќе бидат одбележани тивко и скромно, без масовни собири.

Со посебна емоција зборува за гостопримството на македонскиот народ, истакнувајќи ги сличностите меѓу двата менталитети.

„Израелците и Македонците имаат многу заедничко – мили луѓе, друштвени и отворени. Атмосферата во Македонија е позитивна, за разлика од многу места во светот каде што антисемитизмот расте.“

Рашел посочува дека и покрај опасноста, многу Израелци кои се затекнале во странство при нападите прават напори да се вратат дома.

„Околу 150.000 Израелци кои беа надвор од земјата сега се обидуваат да се вратат. Некои прашуваат зошто се враќаат кога има војна. Но Израелците се собираат дома. Ние сме упорни и не се предаваме, иако ситуацијата е многу непријатна“, нагласува таа.

Таа го спомена и неодамнешниот инцидент во Банско, каде бил нападнат Израелец, како пример за растечкиот тренд на нетрпеливост во делови од Европа, што ја прави безбедната и пријателска средина во Македонија уште позначајна за нивната заедница.