
Дел од раководството на Партијата на пензионери за утре, 1 септември, најави прес-конференција на која ќе го соопштат својот став во врска со несогласувањето и незадоволството од коалициската соработка со актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„По повод несогласувањето и незадоволството на дел од раководството на Партијата на пензионери, заедно со значителен број на членови и поддржувачи од повеќе општински организации, во врска со отпочнувањето на коалициска соработка со актуелната власт предводена од ВМРО – ДПМНЕ, која беше повод на жестоки и бројни критики и предизвика разочарување, револт и раслојувања во ПП, која за нас е неприфатлива, ве повикуваме на прес конференција за медиумите,“ стои во поканата до јавноста.
Прес-конференцијата ќе се одржи во Паркот „Жена борец“ пред споменикот на основачите на АСНОМ, каде ќе биде поделена и писмена изјава за медиумите.
Во јуни годинава, Партијата на пензионери соопшти дека ја напушта коалицијата со СДСМ и започнува соработка со ВМРО-ДПМНЕ. Нивниот лидер и поранешен пратеник на СДСМ, Илија Николовски, тогаш изјави дека во интерес на пензионерите е секогаш да бидат на страната на власта.