Skip to main content
Хроника

Расчистени четири кривични дела, поднесени пријави против четири физички и едно правно лице

09/06/2025  16:15

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против правно лице – угостителски објект од Делчево и Б.Т.(46) од Делчево, сопственичка на објектот, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност” и против З.Т.(49) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење”.

На 24.04.2025, полициски службеници од СВР Штип и ОВР Делчево во соработка со  инспектори од Дирекција за заштита и спасување, Државен пазарен инспекторат  и Управа за јавни приходи извршиле контрола во објектот и од Дирекцијата за заштита и спасување било констатирано дека не ги исполнува во целост условите за заштита од пожари, односно се констатирани прекршоци по член 69 ,70, 74, 75 и 76 од Законот за заштита и спасување. Притоа, на одговорното лице му е даден рок од 30 денови да ги отстрани недостатоците и во тој период да не извршува угостителска дејност. При контролата, исто така, било констатирано дека пријавениот З.Т. во периодот од  09.03.2018 до 16.10.2019 го изградил објектот без одобрение за градба издадено од надлежен орган. На 01.05.2025 повторно бил извршена контрола во објектот и било констатирано дека пријавената Б.Т. им дозволила на повеќе лица да престојуваат во објектот со што не се придржувала на забраната за вршење дејност од 30 дена изречена при претходната контрола.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривични пријави и против В.Г.(37) и 41-годишната Д.Д.Г., двајцата од Македонска Каменица, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа” по член 378 од Кривичниот законик. Пријавените набавиле лажни сертификати за познавање на англиски јазик и ги употребиле на 15.01.2024, односно на 01.06.2023 при аплицирање на јавен оглас за избор на директори на основно и средно училиште во Македонска Каменица. Врз основа на приложените документи тие биле избрани за директори на училиштата, а по дополнителни проверки од Отсекот за компјутерски криминал Штип било констатирано дека нивните сертификати за познавање англиски јазик се фалсификувани.