Skip to main content
Спорт

Рапсодија на Чикаго во Лос Анџелес, ги декласираа Лејкерси

23/03/2025  09:58

Кошаркарите на Чикаго Булс ги декласираа Лејкерси во Лос Анџелес со 146:115. Навивачите на Лос Анџелес Лејкерс беа воодушевени што го видоа Леброн Џејмс повторно на теренот откако пропушти седум натпревари, но ниту тој, ниту Лука Дончиќ не можеа да направат ништо за да го спречат дебаклот на нивниот тим.

Избраниците на Били Донован одиграа спектакуларен натпревар и направија хаос во одличната одбрана на Лејкерси, бидејќи овие 146 поени се најмногу што Лејкерси примија оваа сезона.

Победата на Чикаго добива уште повеќе на значење, бидејќи ова беше нивниот петти натпревар на гостински терен во осум ноќи, и беа без повредените стартери Треј Џонс, Аја Досунму и Лонзо Бол.

Коби Вајт беше најефикасен кај Чикаго Булс (и севкупно) со 36 поени, 3 скока и 2 асистенции, Матас Бузелис додаде 31, а Џош Гиди имаше трипл-дабл со 15 поени, 12 скока и 17 асистенции.

На другата страна 34 постигна Лука Дончиќ, 25 Остин Ривс, повратникот Леброн Џејмс постигна 17.

Резултати:

Индијана – Бруклин 108:103

Атланта – Голден Стејт 124:115

Њујорк – Вашингтон 122:103

Сакраменто – Милвоки 108:114.