Skip to main content
Македонија

Ранѓеловиќ: Македонија треба да биде повнимателна во новиот мултиполарен свет

03/03/2026  22:18

Политикологот Иво Ранѓеловиќ во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk оцени дека дел од светот, вклучително и Македонија, избрзал со јасни и безрезервни позиции во однос на актуелните воени конфликти, наместо да демонстрира повнимателен и стратешки дипломатски пристап.

„Не само ние, мислам дека добар дел од светот избрза. Не можам да поверувам како обичен граѓанин дека може политичар на функција, од било која држава, да излезе и да оправдува било каква воена инвазија и агресија“, изјави Ранѓеловиќ.

Според него, оправдувањето на војна не е ниту човечки, ниту политички оправдано, особено ако државата нема директна политичка нужност или стратешки интерес да заземе цврста страна. Тој нагласи дека Македонија, како мала држава со ограничено глобално влијание, треба да биде особено внимателна во време на „рекомпонирање на светскиот поредок“ и создавање нов мултиполарен свет.

„Во најмала рака треба да сме внимателни. Не гледам потреба да се дава бланко поддршка – не само кон САД, туку кон било која држава. Дипломатскиот дискурс треба да биде поинаков, повнимателен и покултурен“, смета Ранѓеловиќ.

Тој потенцира дека успехот на дипломатијата не се мери со поддршка на воена доминација, туку со способноста да се предвидат долгорочните последици од одредена интервенција.

Во своето излагање, Ранѓеловиќ направи паралела со повеќе воени интервенции во изминатите децении, меѓу кои агресијата на Русија врз Украина, како и интервенциите на САД во Ирак, Либија и поранешна Југославија. Според него, ниту една агресија не треба да се оправдува, особено од држави кои не се директно засегнати.

Ранѓеловиќ изрази сомнеж дека безрезервната поддршка кон одредени глобални актери ќе донесе конкретна и долгорочна корист за Македонија, оценувајќи дека изборот на страна не секогаш носи политички бенефит.

„Не сум сигурен дека за поддршката што ја даваме ќе добиеме соодветен поврат. Во новиот мултиполарен свет се отвораат нови сојузи, но не сум убеден дека избирањето страна автоматски значи успех“, заклучи Ранѓеловиќ, повикувајќи на поодмерена и стратешки поставена надворешна политика.