
Победата на ВМРО-ДПМНЕ беше очекувана. Не знам дали е поголема победата или оние бесмислени партиски соопштенија од СДСМ и некои обидувања да се релативизира сето ова, истакна Иво Ранѓеловиќ, политички аналитичар, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Чесно е да се признае. Победата е таква, каква што е. Очекувана. Од сега, па натаму имаме поголема борба кој ќе биде лидер на опозицијата како партија одошто кој ќе победи на некои наредни избори“, додаде Ранѓеловиќ.
Кочани, според него, е многу поважно од она кој победил, а кој загубил во текот на првиот круг на гласање на локалните избори.
„Ако трагедијата во Кочани е најголема од осамостојувањето на оваа држава, излезноста вчера во Кочани манифестира најголема мизерија во оваа држава што се случило. Бидејќи на една таква излезност при една таква трагедија, наместо тој народ да бојкотира за оние деца кои ги загубија своите животи, оние родители кои секојдневно протестираат, за жал, жителите на Кочани се одлучија да гласаат за партиите кои го создадоа системот кој ги проголта тие деца. Се испостави точна тезата дека моралот во Македонија не познава дно и сметам дека со ваквиот чин, со гласањето вчера во Кочани, граѓаните на Кочани ги погребаа и родителите на овие деца, а со тоа и нашите надежи дека ќе биде нешто од ова општество и оваа држава“, изјави Ранѓеловиќ.
Тој додаде дека очекувал „бојкот на изборите, ако не на ниво на цела држава, тогаш барем во Кочани“.