
„Доколку утре влеземе во ЕУ, што ќе ни значи тоа ако не сме подготвени? Членството не е дестинација, туку патување низ реформи кои на нашите политички елити не им одговараат“, порача политикологот Иво Ранѓеловиќ во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.
Ранѓеловиќ оцени дека додека државниот врв зборува за „брза лента“ кон Европска Унија, македонското општество суштински стагнира во реформите повеќе од три децении. Според него, најголемата заблуда е што членството се претставува како финална цел што автоматски ќе ги реши сите проблеми.
„Членството во ЕУ не е гарант за достоинствен живот. Реформскиот процес е она што ни е потребно – и на економски и на социјален план. Без разлика дали формално ќе станеме членка или не, нам ни треба здраво општество заради самите нас, а не само поради Унијата“, истакна тој.
Политикологот предупреди дека интеграцијата со години се користи како алатка за дневнополитичка манипулација, при што секоја власт ја приспособува реториката според моменталните интереси.
„Се манипулира со ‘брзи траки’, со услови, со отстапки… Народот треба да знае дека дури и да ги исполниме сите критериуми, во самата ЕУ во моментов нема јасна политичка волја за проширување“, нагласи Ранѓеловиќ.
Тој упати и остра критика кон домашната политичка елита, оценувајќи дека суштински не сака вистинска интеграција, бидејќи тоа би значело крај на практиките на клиентелизам и корупција.
„Вистински реформски процес би ја ограничил корупцијата и ставањето на личниот интерес над државниот. Во уредена европска средина, со строги правила и одговорност, дел од нашите политичари едноставно не би можеле да функционираат. Затоа веќе 35 години живееме во статус-кво“, заклучи Ранѓеловиќ.

