
Полициските службеници кои се опфатени со истрагата за трагичниот пожар во клубот „Пулс“ во Кочани се привремено отстранети од работа, односно нивниот работен однос е ставен во мирување. Ова денеска го потврди министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

– Јавното обвинителство е надлежно да постапува по ова прашање. Истрагата што ја води Обвинителството за гонење на организиран криминал сѐ уште трае и тие преку судските органи го утврдуваат статусот на полициските службеници. Во рамките на МВР, нивниот статус е замрзнат, што значи дека во овој период се оддалечени од извршување на службени задачи – изјави министерот Тошковски.
Во однос на барањата за одговорност од страна на родителите на жртвите во пожарот, Тошковски истакна дека тие имаат целосно легитимно право да бараат одговори од институциите.
– Сметам дека како Министерство постапивме професионално и неселективно. Ја покажавме разликата во однос на претходното работење и докажавме дека може да се постапува без разлика на име и презиме, без разлика дали некој бил близок со некого. Ќе продолжиме по истиот принцип – рече Тошковски, додавајќи дека постапките против сите за кои има доволно докази ќе бидат спроведени без исклучок.