
На градилиштата низ Македонија се почесто сведочиме на фрапантни прекршувања на основните правила за безбедност и здравје при работа. На фотографијата, направена денес на објект во изградба, се гледа градежен работник без никаква заштитна опрема – без заштитен шлем, без сигурносен појас, без соодветна облека, додека работи на опасна висина, опкружен со арматура и дрвени скелиња.

Ова не е изолиран случај, туку правило во многу градежни зони низ државата. Работниците често се принудени да работат во крајно ризични услови, без основна заштита, често и без здравствено или социјално осигурување. Во борбата за дневница, животот им виси на конец.
Дека алармот одамна е вклучен, потврдува и недамнешниот инцидент во Битола, каде што падна градежен кран. За среќа, немаше човечки жртви, но немилиот настан можеше да прерасне во трагедија со фатални последици. Причините сè уште се истражуваат, но првичните информации укажуваат на непочитување на техничките и безбедносни стандарди.

Според податоците од Инспекторатот за труд, во последните години има зголемен број на пријавени повреди и фатални случаи на работните места, особено во градежниот сектор. Само во 2024 година беа регистрирани над 20 смртни случаи на работни места – повеќето токму на градилишта, а бројот на непријавени случаи веројатно е и поголем.
Иако Законот за безбедност и здравје при работа јасно ги дефинира обврските на работодавачите, контролите се ретки, казните минимални, а имплементацијата речиси непостоечка. Работниците, најчесто ангажирани преку приватни фирми и подизведувачи, немаат механизми за заштита, а институциите не покажуваат доволна решителност да го спречат овој тренд.
Стручњаците предупредуваат дека додека не се воведе нулта толеранција за непочитување на безбедносните мерки, ќе продолжиме да броиме човечки животи изгубени на работните места. Тие апелираат за итни, чести и непристрасни инспекции, како и за построги санкции за работодавачите кои ги занемаруваат основните човекови права на безбедна и достоинствена работа.
Оваа фотографија не е само слика од еден ден – туку сведоштво за системска негрижа.