Skip to main content
Македонија

Работиме со загуба, не со профит, Жан Митрев Клиника алармира за нереални цени на Фондот

21/11/2025  09:20

Жан Митрев Клиника објави соопштение во кое тврди дека со секоја операција извршена за осигурениците на Фондот за здравствено осигурување во просек остварува загуба од 3.517 евра. Според клиниката, оваа негативна разлика мора да се покрива со средства добиени од услугите што ѝ се пружаат на приватни пациенти.

„Загубата што ја правиме со работата од Фондот за здравствено осигурување само за минатата 2024 година е повеќе од 4 милиони евра,“ стои во соопштението. Од клиниката објаснуваат дека, и покрај финансискиот притисок, продолжиле да ги извршуваат сите операции за кои имаат договор со Фондот, со цел ниту еден пациент во животно загрозувачка состојба да не остане без навремена медицинска помош.

„Тоа значи дека само минатата година, од она што сме го заработиле од приватни пациенти за услуги кои не се под ФЗОМ, сме го субвенционирале Фондот со 4 милиони евра,“ наведуваат од клиниката.

Жан Митрев Клиника бара надлежните финансиски институции да извршат контрола и да утврдат дали, како што тврдат „некои“, е возможно да се прави бизнис со цените што ги предвидува Фондот за здравствено осигурување.

Додаваат дека транспарентноста е единствениот начин јавноста да добие реална слика за финансиското работење и за условите под кои се извршуваат здравствените услуги за граѓаните.