Skip to main content
Свет

Путин: Во Русија лани за тероризам биле осудени 1.075 лица

20/02/2025  18:51

– Руското правосудство во текот на минатата година осудило 1.075 лица за „тероризам“, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин, додека во тек е силна акција против критичарите на војната во Украина.

Иако Русија постојано е цел на терористички напади и бомбашки напади, вклучително и оние организирани од џихадистичката организација Исламска држава, обвинението за „тероризам“ има многу поширока употреба во рускиот судски систем.

Случаите на „тероризам“, но и „екстремизам“, „предавство“ и „шпионажа“ се намножија за три години против Русите обвинети за соработка со Киев или дека се противници на „специјалната војна“ – рускиот напад врз Украина.

Овие судења обично се одржуваат зад затворени врати во воените трибунали и неколку детали се објавуваат во јавноста. Често се изрекуваат многу тешки затворски казни.

-Минатата година околу 950 такви случаи (за тероризам) беа истражени и 1.075 лица беа осудени, рече Путин во говорот пред судиите.

Според руската невладина организација за права ОВД-Инфо, во Русија се гонети 1.184 лица поради противење на конфликтот во Украина.

Според Олег Орлов, ко-основач на организацијата Меморијал, Русија држи 868 политички затвореници, а веројатно има повеќе.

Путин денеска ја пофали „посветеноста“ на руските судии и рече дека на окупираните територии на Украина се формирани 100 судови со 570 судии.