
Руската армија во текот на 2025 година зазела повеќе од 300 населени места, вклучувајќи и поголеми градови што Украина ги претворила во утврдени упоришта, изјави рускиот претседател Владимир Путин на проширената седница на колегиумот на руското Министерство за одбрана. Тој нагласи дека руските сили ја имаат и цврсто ја држат стратешката иницијатива по целата линија на фронтот.
„Русија има способност да го зголеми темпото на офанзивата по стратешките насоки во зоната СВО“, изјави Путин, додавајќи дека 2025 година претставува клучна фаза во спроведувањето на Специјалната воена операција.
Рускиот претседател најави и дека системот „Орешник“ ќе биде ставен во борбена готовност до крајот на годината, посочувајќи дека руските сили покажуваат високо ниво на борбена подготвеност и обука, и покрај, како што рече, поддршката што Киев ја добива од земјите членки на НАТО. Путин ги отфрли тврдењата дека Русија претставува закана за Европа.
„На луѓето во Европа им се всадува страв од наводно неизбежен конфликт со Русија, но тоа е лага и едноставно бесмислица“, рече Путин.

