Skip to main content
Свет

Путин пристигна во Кина

31/08/2025  10:15

Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во северниот кинески пристанишен град Тјанџин, објавија кинеските и руските државни медиуми, на регионален безбедносен самит за кој Кина се надева дека ќе се спротивстави на западното влијание во глобалните прашања.

На почетокот од четиридневната посета на соседот и најголемиот трговски партнер на Русија, за Путин беше поставен црвен тепих на пистата каде го пречекаа високи градски функционери, како што се гледа од преносот во живо на настанот од руската новинска агенција ТАСС.

Претседателот Си Џинпинг ќе биде домаќин на околу 20 светски лидери во Тјанџин, вклучувајќи го и индискиот премиер Нарендра Моди, за дводневен самит на Шангајската организација за соработка, најголемиот собир откако групата е основана во 2001 година како група од шест евроазиски земји.

Блокот фокусиран на безбедноста се прошири во последните години на 10 постојани членки и 16 земји за дијалог и набљудувачи. Неговиот мандат се прошири од безбедноста и борбата против тероризмот до економската и воената соработка.

Се очекува Си да го искористи самитот за да покаже како би изгледал меѓународниот поредок после оној предводен од САД, а воедно да обезбеди и голема дипломатска помош за Русија, која е погодена од санкции поради нејзината инвазија на Украина.