Skip to main content
Свет

Путин подготвен за средба со Зеленски

28/01/2026  17:52

Рускиот претседател Владимир Путин не ја исклучува можноста за директна средба со украинскиот лидер Володимир Зеленски во насока на разговори за завршување на војната во Украина, соопшти советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков. Според Ушаков, Кремљ и досега ја сметал ваквата средба за можна, доколку постои реална подготвеност за преговори. Во изјава за државната телевизија, тој посочи дека Зеленски може да допатува во Москва, нагласувајќи дека евентуалната средба би морала да биде темелно подготвена и ориентирана кон конкретни резултати. Русија, како што додаде Ушаков, би ја гарантирала безбедноста на украинскиот претседател за време на посетата. Сепак, од украинска страна оценуваат дека такво патување е неприфатливо поради безбедносни ризици. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека Зеленски е подготвен за директни разговори со Путин за најчувствителните прашања, како дел од напорите за постигнување мировен договор.

Во интервју за порталот „Европска правда“, Сибиха нагласи дека сè уште нема напредок околу клучните теми, меѓу кои се територијалните прашања и статусот на нуклеарната централа Запорожје. Москва, пак, инсистира на територијални отстапки од Украина како предуслов за прекин на огнот, вклучително и повлекување на украинските сили од регионите Донецк и Луганск. Нуклеарната централа Запорожје, најголема во Европа, е под руска контрола од март 2022 година. Во меѓувреме, претставници на Украина и Русија викендов остварија директни разговори во Обединетите Арапски Емирати, со посредство на Соединетите Американски Држави. Преговорите, како што е најавено, ќе продолжат в недела во Абу Даби.