Skip to main content
Свет

Путин: Подготвен сум да го поддржам моделот на мир на Трамп за Блискиот Исток

03/10/2025  11:11

Рускиот претседател Владимир Путин вчера се заложи за мировниот план на претседателот на САД, Доналд Трамп, за Блискиот Исток.

Најважниот елемент на мировниот договор во регионот останува решението за две држави меѓу Израел и Палестина, нагласи Путин во Сочи на настан на политичкиот клуб Валдај. Сепак, тој е подготвен да му даде шанса на моделот на Трамп, рече тој.

-Поранешниот британски премиер Тони Блер, кој беше назначен за член на привременото меѓународно тело за мониторинг за Газа, можеби не е познат како ангел чувар на мирот, но е искусен политичар, оцени рускиот претседател.

Важно е што и Израел и Палестинската самоуправа и милитантната палестинска организација Хамас се согласија со решението, додаде тој.

Трамп предложи прекин на огнот во Појасот Газа како дел од мировниот план од 20 точки што го презентираше во Вашингтон пред пет дена.

Планот вклучува целосно разоружување на Хамас и итно ослободување на сите преостанати израелски заложници што ги држи Хамас во замена за стотици палестински затвореници, како и повлекување на израелската војска од Појасот Газа.

„Хамас нема да има никаква улога во управувањето со крајбрежниот појас, а на Израел му е забрането и да анектира територија. Наместо тоа, Појасот Газа ќе биде управуван од преодна влада на палестински технократи под надзор на идна меѓународна стабилизациска сила“.

Германија, Франција и Обединетото Кралство, како и министрите за надворешни работи на неколку арапски држави, вклучувајќи ги Катар, Египет, Јордан, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, исто така изразија поддршка за планот.