Skip to main content
Свет

Путин нареди 30-дневен прекин на нападите врз украинската енергетска инфраструктура

18/03/2025  19:05

Рускиот претседател Владимир Путин се согласил со предлогот на неговиот американски колега Доналд Трамп, Русија и Украина да престанат да удираат меѓусебно врз енергетската инфраструктура 30 дена. Руските медиуми јавуваат дека по разговорот со Доналд Трамп, Путин и наредил на војската да ги запре нападите врз овие цели на 30 дена.

Кремљ соопшти дека двајцата лидери имале „детална и искрена размена на мислења“ за Украина.

Кремљ истакна дека „клучниот услов“ за спречување на понатамошна ескалација на конфликтот е „целосен прекин“ на странската воена помош и размена на разузнавачки информации со Украина. Во текстот на Кремљ се наведува и дека Путин „конструктивно одговорил“ на предлогот за прекин на огнот на море и дека се очекуваат дополнителни преговори за ова прашање.

Белата куќа објави дека „лидерите се согласиле дека движењето кон мир ќе започне со прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, како и технички преговори за спроведување на поморски прекин на огнот во Црното Море, целосен прекин на огнот и траен мир“.

-Овие преговори треба да започнат веднаш, и тоа на Блискиот Исток. Лидерите опширно зборуваа за Блискиот Исток како регион на потенцијална соработка за да се спречат идни конфликти. Тие дополнително разговараа за потребата да се запре ширењето на стратешкото оружје и ќе работат со другите за да се обезбеди што пошироко распоредување, додаде Белата куќа.

„Двајцата лидери се согласија дека иднината со подобрени билатерални односи меѓу Соединетите Држави и Русија ветува многу. Тоа вклучува огромни економски договори и геополитичка стабилност откако ќе се постигне мир, се вели во соопштението на Белата куќа.

Белата куќа вчера објави дека американскиот претседател е „решен“ да постигне договор за ставање крај на руската војна против Украина и дека светот е блиску до мир.

Претходно, специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, ја посети Русија и се сретна со Путин за да разговара за предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот. Кремљ соопшти дека преку Виткоф му биле пренесени „дополнителни сигнали“ на Трамп.