Skip to main content
Свет

Путин: Ако има добра волја, Русија и САД можат да го продолжат Договорот Нов СТАРТ

10/10/2025  21:57

Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска изјави дека има доволно време за Москва и Вашингтон да се договорат за продолжување на договорот за намалување на нуклеарното вооружување Нов СТАРТ за уште една година, „ако има добра волја“.

Путин истакна дека се надева оти Русија и САД ќе се согласат да го продолжат Договорот од 2010 година за уште една година.

Нов СТАРТ (Strategic Arms Reduction Treaty) е потпишан во 2010 година и е последен договор помеѓу Русија и САД за контрола на вооружувањето, кој важи до февруари следната година.

Со Договорот Нов СТАРТ се ограничуваат арсеналите на двете земји на максимум 1.550 распоредени боеви глави, што е речиси 30 проценти помалку од претходната граница од 2002 година. Договорот, исто така, го одредува максималниот број на носачи на ракети и тешки бомбардери на 800.