
Чилеанскиот претседател Габриел Бориќ објави дека се ослободени 104 фудбалски навивачи кои беа уапсени во Аргентина за време на судирите на фудбалски натпревар во кој беа повредени 19 лица, од кои тројца сериозно.
Бориќ информираше дека го испратил чилеанскиот министер за внатрешни работи во Аргентина за да ја следи состојбата на повредените и приведените за време на натпреварот од Копа Судамерикана помеѓу аргентинскиот Индепендиенте и чилеанскиот Универзидад Чиле. Натпреварот беше прекинат во 48 минута, откако избувнаа жестоки борби на трибините на стадионот.
„Министерот Алваро Елисалде ме информираше дека Обвинителството ослободило 104 приведени навивачи на Универзидад Чиле кои беа уапсени во Аргентина“, наведе Бориќ на својот профил на социјалните мрежи Икс. „Продолжуваме да работиме на искоренување на насилството на стадионите, но исто така ги браниме правата на нашите сонародници“, додаде претседателот на Чиле.
Најмалку 19 Чилеанци се хоспитализирани, од кои тројца се во сериозна состојба.
Инцидентите почнаа кога чилеанските навивачи почнаа да фрлаат предмети, вклучително и рачно изработена бомба, кон аргентинските навивачи, кои потоа возвратија на нападот.