Skip to main content
Македонија

Пуштена во употреба делницата Градско – Дреново, дел од експресниот пат Градско – Фариш

14/01/2025  14:16

Пуштена е во употреба делницата Градско – Дреново, дел од експресниот пат Градско – Фариш, во должина од 15,5 километри. Вредноста на проектот е 37.500.000 евра, од кои 26.700.000 евра се обезбедени преку ИПА фондовите и 10.600.000 евра од Буџетот. Ширината на коловозот е 12.40 метри, има три клучки, кај Градско, Росоман и Дреново.

– Експресниот пат, кој е дел од паневропскиот Kоридор 10, претставува повеќе од 15 километри модерна инфраструктура. Финансиран преку ЕУ грант во вредност од над 35 милиони евра, покрај националното ко-финансирање, oвој експресен пат ќе донесе опипливи придобивки и за граѓаните и за бизнисите, побрзо и побезбедно патување, како и подобра пристапност до останатите делови од овој витален коридор, што минува низ шест земји од Австрија од Грција, поврзувајќи ги сегашните и идни членки на ЕУ, поврзувајќи ја земјата со светот – порача евроамбасадорот Михалес Рокас.

Секој километар од овој пат, нагласи Рокас, придонесува кон амбицијата на земјава да ја зајакне својата внатрешна и регионална поврзаност.

– Коридорот 10 ја зацврстува стратешката позиција на Северна Македонија како клучен транзитен центар во Југо-источна Европа. Овој експресен пат е критично делче од пошироката транс-европска транспортна мрежа, што не поврзува меѓусебно, како соседи и како партнери – рече Рокас.

Според премиерот Христијан Мицкоски, оваа делница означува нов почеток на развојот на Централна и Југозападна Македонија, поврзувајќи ги Прилеп, Битола и Пелагонија.

– Коридорите 8 и 10 како и 10 д се стратешки за Македонија, правејќи ја крстосница на Балканот и заради тоа имаме силен фокус да ги модернизираме, на ниво, со што ќе дадеме регионален придонес во инфраструктурното поврзување – истакна Мицкоски.

Посочи дека при крај е и втората фаза Дреново – Фариш до Прилеп, а интензивно се работи и на проектот за изградба на автопатот Прилеп-Битола од околу 40 километри.

– Тој би се завршил во 2027 година. Тоа време се очекува да се заврши и изградбата на автопатот Гостивар Букојчани Кичево, при што интензивно ќе се работи и на патот Тетово – Гостивар, што ќе прерасне во автопат. Сакам да објавам дека наредната 2026 година очекувам да се заврши со градба и на автопатот Кичево – Охрид, што целосно беше во застој поради блокадите од претходата влада – нагласи премиерот.

Министерот за транспорт Александар Николоски рече дека не биле решени косините и фалеле околу 13 милиони евра за да се доврши реализацијата на овој експресен пат.

– Изведувачот се подготуваше за арбитража, првите чекори беа преземени. Работниците беа повлечени. Причината беше претходната Влада, која година ипол не сакала да потпише два адендуми што беа договорени заедно со Европската делегација и не сакала да формира комисија што ќе ги спроведува. Новата Влада за само месец дена ја формираше комисијата во јули, во август се работеше на содржината на овие два анекси и на 12 септември проблемите беа решени. Оттогаш до буквално Нова година, се работеше тука, се заврши – рече Николоски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски рече дека постапката за изградба на овој експресен пат почнала во 2012/13 година со проектирање и избор на изведувачи.

– Овој пат или овој Коридор што е дел од коридорот 10Д е од огромно значење за централна Македонија и Југозападна Македонија, бидејќи со тоа се поврзуваат Прилеп, Битола, Ресен, Охрид, па и со границата со Република Грција. Овој пат ќе овозможи многу побрзо, побезбедно, а исто така и поудобно движење по овој пат. Ќе го надополниме исто така и со развојот на овој дел од Македонија – додаде Трајановски.