Skip to main content
Македонија

„Пулс“ имале устен договор за концертот на ДНК, објектот бил пренатрупан и никој не ги сопрел децата да влегуваат

21/03/2025  13:37

Едниот од осомничените за пожарот во дискотеката „Пулс“, одговорно лице во клубот, усно го договорил концертот, без притоа да биде пропишан договор со групата ДНК.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски рече дека потоа, заедно со осомничените управители и осомничените припадници на агенцијата за обезбедување, свесни дека капацитетот и условите во објектот не го дозволуваат тоа, овозможиле влез на приближно 650 посетители, меѓу кои имало најмалку 31 дете.

„Едно од осомничените лица вршело продажба на билети, без да води сметка за бројот и возраста на гостите кои смее да присуствуваат, спротивно на Законот за угостителската дејност, овозможувајќи влез и присуство и на малолетни лица на настанот“, изјави Коцевски.

Државнниот обвинител заклучи дека верижните пропусти и незаконитите дејства на одговорните и на службените лица довеле до тоа при користењето пиротехника на 16 март за време на настапот на ДНК во Кочани да биде предизвикан пожар и да загинат 59 лица, меѓу кои 6 деца, а биле повредени 197 лица, од кои 25 деца.