
Едно лице е убиено, а друго е тешко рането во пукотница што денеска околу 14:20 часот се случи на кружен тек во близина на аеродромот во Тирана.
Според „Бота Сот“, напаѓачите пукале од „Тојота Јарис“ кон „Мерцедес“ во кој се наоѓале Г.Д. (47) и М.Ш. (40). По нападот, возилото на напаѓачите било пронајдено запалено во близина на Фуш-Круја, што укажува на внимателно планирана акција.
Г.Д. починал на лице место, додека М.Ш. е пренесен во болница и се наоѓа во критична состојба под медицински надзор.
Албанските медиуми објавуваат дека убиениот е Гилмано Дани, близок соработник и довереник на Емилијан Сулази – едно од најпознатите имиња во албанското подземје, поврзан со изнуда, трговија со дрога и насилство во Тирана и Драч.
На видео материјали што ги објави „Топ Ченел“ се гледа како граѓани и полицајци се обидуваат да го искршат прозорецот на возилото за да стигнат до жртвите.
Полицијата го опколила целиот регион и воспоставила контроли на повеќе локации, но засега нема информации за идентификација или апсење на сторителите. Истрагата е во тек.

