
На денешното рочиште за случајот „Штекли“ пред Основниот кривичен суд Скопје, сведочеше вештото лице на одбраната, Ѓорѓија Хаџи Ангелковски, кој изготви психијатриска проценка за обвинетиот Раде Трајковски – Штекли, осомничен за учество во организирана продажба на дрога. Според проценката, Трајковски се наоѓа во психотична состојба.
Хаџи Ангелковски изјави дека го посетил обвинетиот во затворот „Скопје“, каде што интервјуто траело подолго од вообичаено. Тој нагласи дека состојбата на Трајковски е значително променета во споредба со претходното вештачење пред седум до десет години, кога кај него била дијагностицирана епилепсија.
„Не е тоа истата личност која што ја видов тогаш. Кај обвинетиот се забележуваат психотични состојби со шизофрени карактеристики“, изјави вештото лице.
Според проценката, Трајковски верува во реинкарнација и тврди дека е воден од „учител“ кој го пренесува од тело во тело. Дополнително, тој верува во фиктивна личност која му наредува како да постапува. „Не се работи за здрава личност која имитира лудак. Тој е студен, афективно неангажиран, раздразлив и параноиден – дома поставил камери и е убеден дека е следен“, додаде Хаџи Ангелковски.
Одбраната смета дека Трајковски не е во состојба да ја следи постапката, додека обвинителството останува на ставот дека е апсихотичен и способен за учество во расправата. На прашање на судот дали обвинетиот е „тотално вон себе“, вештакот одговори негативно.
Судењето продолжува на 5 септември со сведочење на вештите лица предложени од обвинителството. Судијата Илија Трпков најави дека ќе ги соочи експертите од двете страни пред да одлучи дали ќе се прифати едно од постојните вештачења или ќе се нареди ново.
Обвинението, поднесено од Обвинителството за гонење на организиран криминал, опфаќа 10 лица, по речиси едногодишна истрага во која биле користени посебни истражни мерки. Првично биле опфатени 16 лица, од кои седум веќе склучиле спогодби и добиле казни затвор од 3 до 3,5 години.
На претходното рочиште четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков – поднесоа предлог за признавање вина, по што судот ја раздвои постапката.
Според обвинителството, групата функционирала како добро организирана мрежа, со јасно распределени улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Клучни докази биле обезбедени преку апликацијата Snapchat и анализи со „Cellebrite“ системот, донација од САД.