Skip to main content
Македонија

Првата Национална младинска летна школа за социјална инклузија од денеска е официјално отворена

16/06/2025  15:29

Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), денеска официјално ја отвори првата Национална младинска летна школа за социјална инклузија.  

Младинската  летна школа ќе се одржува од 16-ти до 20-ти јуни во Маврово, а  повикот за учество на истата беше наменет за млади од Северна Македонија кои се на возраст од 16 до 22 години.

Приближно 40 млади луѓе  имаат можност да учествуваат во младинската летна школа која што претставува платформа за зајакнување на младите како агенти за промени. Учесниците, преку интерактивни методи на работа ќе имаат можност да се запознаат и дружат со врсници од целата земја и да се стекнат со нови вештини поврзани со личен развој, интерперсонални односи и тимска работа.

Како што беше наведено и во повикот, летната школа ќе се заснова на пристапот „Спорт за развој”, користејќи го спортот како педагошка алатка за промовирање на младинската едукација, инклузија и личен развој на учесниците.

На отворањето на младинската летна школа присуствуваше државниот секретар на министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу кој во своето обраќање нагласи дека социјалната инклузија не е само збор, туку дека тоа е животна мисија.

„Вашата енергија, креативност и желба за правичност се клучот за градење на општество каде секој ќе има еднакви шанси да се развива и да живее достојно. Оваа летна школа е ваш простор да ги развиете тие вештини, да се поврзете со луѓе кои го делат истиот ентузијазам и се надевам дека ќе ви донесе не само знаење, туку и инспирација, храброст и сила да продолжите понатаму, и покрај сите предизвици. Нека оваа енергија и заедништво што ќе ги изградите овде,  ве водат низ цел живот,” порача Сабриу.

Тој на присутните млади им посака многу успешни денови, фер плеј,  искрени пријателства и безброј моменти со кои ќе се потврди дека се на вистинското место, со цел да го направат светот подобар!

„На нас останува да продолжиме да ве подржуваме и вложуваме во вас, затоа што само така ќе изградиме здрава, активна и самосвесна генерација – генерација која ќе го гради подоброто утре!”,рече Сабриу.