Skip to main content
Македонија

Прва посета на Руте во Македонија како шеф на НАТО

26/02/2026  11:29

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во вторник (3 март) ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија, соопштуваат од надлежните институции.

Домаќин на посетата ќе биде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а во рамки на агендата се предвидени и средби со премиерот Христијан Мицкоски, како и со претседателот на Собранието Африм Гаши.

За време на престојот во земјава, генералниот секретар на НАТО ќе присуствува и на показна вежба на Армијата, што се очекува да биде во фокусот на безбедносната и одбранбената соработка меѓу Северна Македонија и Алијансата.

Ова ќе биде прва посета на Марк Руте на Скопје во својство на генерален секретар на НАТО. Тој претходно ја посети земјата во ноември 2021 година, кога беше премиер на Холандија. Последната посета на генерален секретар на НАТО на Северна Македонија беше во 2023 година, кога во земјава престојуваше Јенс Столтенберг.