Skip to main content
Македонија

Прв пат по 12 години, државната помош за странските компании доцни поради изборите

23/11/2025  23:16

Исплатата на државната помош за странските компании е блокирана со месеци поради изборниот процес, што создава сериозни потешкотии во работењето на дел од најголемите инвеститори во земјава. Според бизнис-заедницата, ова е прв пат да се доцни со државните обврски кон компаниите, објави Телма.

Извршниот директор на ОДВ Електрик, Огнен Цубалевски, истакнува дека во изминатите 12 години државната поддршка се исплаќала редовно, без оглед на изборните циклуси.

„Оваа година прв пат имаме девијација заради изборите. Дванаесет години се исплаќа на време и никогаш немало доцнење. Сега уште не е исплатена државната помош со образложение дека причината се локалните избори. Тоа е нешто што не ѝ треба на Македонија“, изјави Цубалевски.

Дополнителен проблем е и кризата на автомобилскиот пазар во Германија, што директно ги погодува домашните извозници. Стагнацијата на европските пазари го отвора патот за кинеските производители – кои, пак, не се деловни партнери на македонските фабрики.

Претседателот на Советот на странски инвестиции, Виктор Мизо, предупредува дека влијателен фактор се и американските царини воведени уште во времето на Доналд Трамп.

„Дополнителната царина од 15% за премиум европските производители на Мерцедес, БМВ, Рејнџ Ровер силно влијае врз нивната продажба. Профитот на Порше за девет месеци е намален за над 95% во однос на минатата година. Слично е и со Мерцедес и Фолксваген“, објасни Мизо.

Како последица од глобалните и домашните проблеми, Аптив и Дура се пред затворање на своите производни погони во зоната во Скопје, додека други компании го намалуваат бројот на вработени или ги укинуваат смените.

Според последните податоци на НБРМ, странските инвестиции во првите два квартали минатата година изнесувале околу 560 милиони евра, додека годинава се преполовени малку над 220 милиони евра.

Бизнис заедницата предупредува ако државата не ги исполнува своите обврски, довербата на инвеститорите може трајно да се наруши.