Skip to main content
Македонија

Проверувајте ги сметките: УЈП почна со исплата на парите од скенираните сметки

19/05/2025  20:26

Управата за јавни приходи ја информира јавноста дека започна исплатата на средства за скенираните сметки за првото тримесечје од 2025 година.

– За првото тримесечје од 2025 година кон 496.531 корисници на апликацијата МојДДВ ќе се исплатат вкупно 790,5 милиони денари. До денес, исплатени се 240 милиони денари кон 152.000 корисници на апликацијата МојДДВ. Исплатата на средствата продолжува, како се обработуваат налозите така се исплаќаат средствата на сметките на корисниците на МојДДВ, известуваат од УЈП.

Оттаму напоменуваат дека во овој момент 4.724 корисници кои скенирале фискални сметки имаат наведено погрешна трансакциска сметка и поради таа причина УЈП не е во можност да го реализира повратот.

– Апелираме сите корисници кои во претходните исплати немаат средства на сметките да направат проверка на податоците за трансакциските сметки, доколку увидат неточни податоци за трансакциската сметка истите може да ги сменат директно во апликацијата. На тој начин Управата за јавни приходи ќе има точни податоци за корисникот и ќе може да изврши исплата на поврат по основ на МојДДВ, велат од УЈП.