
Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје од денеска ќе располага со ново современо и уникатно возило целосно развиено во Македонија и дрон за гасење на пожари, а беа промовирани и новата генерација пожарникари.

Влатко Николовски координатор на проектот на Бригадата на денешната презентација на проектот „Гасење на пожари со употреба на современи техники“ го претстави новото современо возило како и новиот дрон за гасење пожари.
-Ако продолжевме да се жалиме ќе останевме без возила, без центри и можност за некои од вас да го најде своето место во делот на развој на дронови и заштита од пожари. Денеска ќе го претставиме првото целосно развиено македонско возило кое е уникатно и универзално, направено е благодарение на 30 – годишното знаење на командниот тим на Скопската бригада благодарение на командантот и неговиот тим. Целиот развој е направен без никаква владини, невладини фондации или фондови, сме го развиле независно, прво да си докажеме дека Македонија може да развива мобилно и моќно возило, после него следува многу брзо, многу поголемо возило за шумски пожари кое е полесно за производство. Во исто време успеавме први во Европа и во Америка да развиеме дрон кој гаси пожари и кој многу пати досега покажал феноменални резултати, рече Николовски.
Посочи дека возилото е економично и едноставно за одржување.
-Возилото е направено максимално едноставно, воопшто не е зафатена подлогата под моторот, едноставно е за одржување, економично и ова возило во наша продукција чини не повеќе од 45 проценти од кое било друго увозно возило. Имајте предвид дека ова е прво возило и дека секое следно ќе биде уште подобро. Од денеска Македонија во делот на пожарната техника може да се развива сама, потенцира Николовски.
Само едниот котур има должина од 60 метри со тоа што една од уникатните можности на ова возило е дека другите 60 метри од спротивната страна можат да се приклучат на него со што се добиваат 120 метри. Способно е да интервенира во првиот момент. Односно овој мал „балкански рис“, вели, функционира во првите 30 секунди од пристигнувањето на местото на пожарот.
За взилото рече дека може веднаш да се стави во употреба додека во однос на дронот тој посочи дека ваков дрон има само нашата земја и дека генерално е подготвен за употреба.
-Дронот е генерално спремен, учествуваше во некои тестови. Постојат доста снмимки од неговата ефективност. Во моментот ги дефинираме безбедносните протоколи, извршени се целосни истражувања за неговата брзина и применливост. Така што дронот, веруваме дека за не повеќе од две недели ќе биде во функција во Бригадата, рече Николовски.
Додаде дека моќта на дронот е што може да интервентира за неполни 20 секунди.
Командантот на противпожарна бригада Ѕвонко Томевски на денешната презентација на проектот „Гасење на пожари со употреба на современи техники“ му посака добредојде на новиот тим пожарникари.
-Тука имате можност да ги погледнете колегите кои ги поминаа сите тестови и сега се дел од нашата единица кои со нетрпение ги очекуваме да се вклучат во нашите работни активности, порача командантот.
Во однос на Оперативниот план на Владата за вработување на пожарникари во летниот период тој оцени дека немаат информација, но изрази надеж дека ќе бидат од корист во однос на интервенциите.
Информира дека единицата моментално брои 203 вработени, додека по систематизација во рамки на новиот попис се предвидени 404 вработени.