
Студентите протестираат во Крагуевац на Денот на српската државност, кога во тој град во централна Србија во 1835 година беше прогласен Сретински устав – првиот современ српски устав.
Во исто време, во Орашац, се одржува централна државна церемонија по повод Денот на државноста, предводена од српскиот премиер Ѓуро Мацут.
Протестниот митинг кој е организиран од студентите започна со собир во Крагуевац. Лепеничкиот булевар беше блокиран за сообраќај.
Како што претходно најавија студентите, првиот дел од митингот беше посветен на „уставна Србија и Сретински устав,симбол на борбата за слобода и државност“, кој беше усвоен во Крагуевац.
„Денес, на националниот празник Сретење, сите сигурно се прашуваат што е мојата земја и кои се нејзините темели, бидејќи се чини дека кулата одамна се срушила, но всушност, секој од нас е столб“, рече студентка од Крагуевац во своето обраќање пред насобраните.
Студентката ги потсети и студентите на барањата, вклучувајќи го и распишувањето предвремени парламентарни избори и утврдувањето на одговорноста за смртта на 16 лица на Железничката станица во Нови Сад.
Една од учесничките на митингот, Марина, изјави за Радио Слободна Европа дека веќе година и пол оди на антивладини протести. Таа вели дека очекува промени и распишување избори.
„Промените не можат да се случат брзо, тоа е процес. Притисокот мора да продолжи, во спротивно распишувањето избори ќе се влече до бескрај“, рече таа.

