Skip to main content
Македонија

Протест во четврток – блокада кај „Жена борец“ против институционална игноранција

23/09/2025  17:36

Револтирани од, како што велат, игнорантскиот однос на институциите кон пријавите за физичко и психолошко насилство и закани, група граѓанки и граѓани најавија блокада на сообраќајот во центарот на Скопје.

Акцијата е закажана за овој четврток во 18 часот на раскрсницата кај Паркот „Жена борец“.

„Време е за организирање и здружено делување. По минатонеделниот протест Ниту една повеќе, повикуваме на блокада. На раскрсницата кај Жена борец сакаме преку јавен простор да го канализираме колективниот гнев и заедно да ги дефинираме нашите барања кон институциите кои ги загрозуваат нашите животи“, стои во најавата на протестот.

Организаторите ги повикуваат сите граѓани да се приклучат и заедно да ја испратат пораката против насилството врз жените и, како што велат, културата на неказнивост што го одржува овој проблем.