
Еколошки активисти од иницијативата „Стоп за Усје“ и граѓани денеска одржаа протест во Скопје, барајќи цементарницата „Усје“ да работи согласно еколошките стандарди и да не го загрозува здравјето на граѓаните. Протестниот марш започна пред Владата, продолжи преку Собранието и заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање, од каде демонстрантите побараа институциите да одлучуваат според европските еколошки стандарди при обновата на А-интегрираната дозвола на цементарницата, која е закажана за 12 март. На протестот говореа жители од Лисиче и Кисела Вода, кои живеат во близина на фабриката и побараа поголема контрола и транспарентност при одобрувањето на дозволите за индустриските капацитети.
Дипломираниот технолог Драган Кавраков изјави дека според постојната дозвола, „Усје“ може годишно да произведува 1,75 милиони тони цемент и да согорува огромни количини горива, без јасно дефинирани стандарди за нивниот квалитет. Тој посочи дека е дозволена дневна емисија на илјадници килограми сулфур диоксид, како и согорување алтернативни горива како пластика, гуми и текстил. Учесниците побараа цементарницата да дозволи 24-часовно јавно и независно мерење на емисиите директно од оџаците, нагласувајќи дека без тоа недовербата кај граѓаните дополнително расте.
