Skip to main content
Македонија

Протест пред Кривичен: „12 години не се правда за Фросина“

14/05/2025  18:18

Пред Универзалната сала попладнево започна протестот што го најави Тодор Кулаков, таткото на трагично загинатата Фросина Кулакова, откако вчера беше објавена пресудата за сообраќајната несреќа што се случи во јануари оваа година на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Возачот Васил Јованов, кој на првото рочиште ја призна вината и изрази каење, доби казна затвор од 12 години. Но, семејството смета дека тоа не е доволно и дека судскиот процес е дел од поголема, како што велат, манипулација.

„Во моментов имаме силен сомнеж дека се случува еден цел правен инженеринг. Сега и Врховен суд некој го вклучува и излегува со крајно сомнителен термин, го враќа предметот на Васо за дилерство со дрога повторно на Апелација и тоа од чисто формални причини. Очигледна е намерата со игра на датуми да се створи правна конфузија во целата оваа игра што ни ја прават“, изјави Тодор Кулаков.

Според него, целта е преку формални процедури да се намали казната на обвинетиот, при што одбраната ќе се повика на тоа дека претходната пресуда за дилерство не е правосилна, иако токму тоа беше земено како отежнителна околност во случајот со сообраќајната несреќа.

Протестот продолжи пред Кривичниот суд, каде демонстрантите бараат итни законски измени и целосна реформа на судскиот систем.

Семејството на Фросина јавно порача дека нема да се откаже од барањето за правда и најави понатамошни протести, повикувајќи на смена на, како што го нарекоа, „корумпираниот судско-казнен систем“.