
Вработените во друштвата со ограничена одговорност „Флораком“ и „Луна“, фирми-ќерки на ЈП „Паркови и зеленило“, денеска повторно излегоа на протест, блокирајќи го булеварот „Илинденска“ во Скопје. Протестот се одржа со поддршка на Синдикатот на СУТКОЗ и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), а со работниците беа и претседателот на СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, и претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Протестот следи поради неисплатени плати, при што вработените најавија и порадикални мерки, меѓу кои и целосно блокирање на раскрсницата на булеварот.
Покрај барањето за итна исплата на платата за месец јуни, работниците бараат и исплата на регресот за годишен одмор за 2022, 2023 и 2024 година, како и обезбедување редовна исплата на платите за да се избегнат нови протести.
„Доколку не биде исплатена платата за месец јуни најдоцна до 22 јули 2025 година, на 23 јули повторно ќе излеземе на протест,“ предупредија работниците и синдикалните лидери, обвинувајќи го раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ за недомаќинско работење и игнорантски однос кон вработените.