Голем број граѓани на социјалните медиуми за денеска во 13 часот повикуваат на протестен собир на местото каде што смртно беше прегазена 22-годишната Фросина Кулакова.
Во објавата на социјалните мрежу, граѓаните повикуваат на собирање и блокада на булеварот како израз на револт кон судската одлука.
„Утре, освен што ќе ги ‘бојкотирате’ маркетите, појдете на ‘Партизанска’, пешачкиот кај Силбо, во 13:00 и заедно да го блокираме булеварот“, стои во повикот.
Фросина беше прегазена на пешачки премин, на 29 јануари, петнаесетина минути пред полноќ. Девојката поминувала кога во неа удрил автомобил со кој управувал 20-годишниот Васил Јованов.
Според наводите на Обвинителството, тој возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и поминал на црвено. За 20-годишникот е побаран притвор.
Граѓани вчера положуваа цвеќе и палеа свеќи на местото каде загина студентката по моден дизајн.